Бундесбанкa со загуба за првпат од 1979 година

Германската централна банка, Бундесбанкa, ја заврши изминатата година со загуба – првпат од 1979 година. Главната причина за ова е политиката на каматни стапки на Европската централна банка (ЕЦБ), која ги исцрпи германските резерви.

Според извештајот, Бундесбанкa во 2024 година загубила околу 19,2 милијарди евра и предупреди дека сличен тренд може да продолжи и оваа година, иако во помал обем.

„Најголемиот товар веројатно е зад нас“, изјави претседателот на Бундесбанкa, Јоаким Нагел, при претставувањето на билансот во Франкфурт.

Минатата година, при презентирањето на финансискиот извештај за 2023 година, Нагел предупреди на „слаби“ години и најави дека Бундесбанкa нема да придонесува во државниот буџет.

„Очекуваме извесен период да не можеме да распределуваме добивка“, изјави тогаш.

Германското Министерство за финансии со години ја планираше буџетската проекција со околу 2,5 милијарди евра добивка од Бундесбанкa. Но, последниве неколку години тоа не беше возможно поради влијанието на инфлацијата и каматната политика.

Во 2023 година Бундесбанкa едвај остана во позитивна зона, но во 2024 година влезе со резерви од само 700 милиони евра.

Од 2022 година, Европската централна банка започна агресивно зголемување на основната каматна стапка за да го спречи бранoт на инфлација во еврозоната. Инфлацијата оттогаш значително се намали, а ЕЦБ неодамна започна со постепено намалување на каматните стапки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни