Минатата година во нашата држава биле регистрирани вкупно 604 предвремено родени бебиња, додека оваа година бројот изнесува 681. За да се намали ризикот од предвремени породувања, на Клиниката за гинекологија и акушерство ќе се воведе пилот програма за бесплатен скрининг за рано откривање на жени со ризик за развој на прееклампсија. Дополнително, во клиниката е пуштен во употреба нов интраклинички транспортен респираторен апарат, со цел обезбедување адекватна респираторна поддршка на новороденчињата во првиот критичен час по раѓањето, информира директорката на клиниката, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев.
Таа, на прес-конференцијата организирана по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња (17 ноември), истакна дека бројни фактори можат да придонесат за предвремено породување, вклучувајќи го и загадениот воздух.
- „Загадувањето на воздухот е значаен ризик фактор кој може да влијае врз бременоста, предизвикувајќи предвремени породувања. Се повеќе научни студии потврдуваат оваа поврзаност,“ нагласи Алексиоска Папестиев.
Дополнително, таа посочи дека возраста на жената при бременост е исто така важен фактор, особено кај жени над 35 години.
- „Современите жени често прво се фокусираат на кариерата, а потоа на семејството. Ова го зголемува ризикот од компликации како прееклампсија, што не ретко бара предвремено завршување на бременоста за да се заштити мајката,“ додаде таа.
Како други значајни причини за предвремени породувања, ги истакна инфекциите и повеќеплодовата бременост. Во текот на изминатите две децении, бројот на случаи со прееклампсија е во пораст, достигнувајќи до 25 проценти, а од 16.000 раѓања годишно, 800 до 1.280 жени се со ризик за оваа состојба.
- „Прееклампсијата е сериозно мултиорганско заболување кое може да предизвика сериозни компликации и кај мајката и кај плодот. Затоа, со помош на Министерството за здравство, од крајот на оваа година започнуваме пилот програма за скрининг која ќе овозможи рано откривање и третирање на оваа состојба,“ истакна директорката.
Клиничкиот неонатолог педијатар Елизабета Петковска посочи дека новиот респиратор е последен модел и обезбедува нежна вентилација со максимална заштита за органите на новороденчето.
- „Првиот час по раѓањето, познат како ‘златен час,’ е клучен за стабилизација на новороденчето. Новиот апарат ќе овозможи навремена и прецизна грижа, со што ќе се намалат компликациите,“ додаде Петковска.
Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, изрази задоволство од напредокот во намалување на стапката на смртност на предвремено родените бебиња, која од 21% во 2017 година, оваа година е сведена на 6,7%.
- „Иако преналитетот останува глобален проблем и водечка причина за детска смртност, нашата клиника бележи огромни резултати благодарение на посветеноста на тимот и соработката со родителите,“ истакна Андовски.
Тој информираше дека со усвојувањето на мастер планот за регионализација на перинаталната здравствена заштита, се очекува понатамошно намалување на стапката на смртност и подобрување на квалитетот на здравствената грижа за мајките и новороденчињата.