Шеесет и седум случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот се евидентирани во текот на 45. недела од 2024 година – од 4 до 10 ноември во државава, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Тоа претставува за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Во споредба со 45. недела од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 42,6 проценти, додека во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 4,2 отсто.
Од новозаболените, 42 лица биле на возраст од 15 до 64 години. Четиринаесет биле деца на возраст од пет до 14 години. Десет лица биле постари од 65 години, а едно лице припаѓало на возрасната група до четири години. Највисока инциденца (6,5/100.000) се регистрира кај децата на возраст од пет до 14 години.
Заболените лица оваа недела биле регистрирани во Куманово – 20, Гостивар – 19, Тетово – 17, Кавадарци – пет, Струмица – три, Радовиш – две и едно во Неготино.