Пред Основниот суд во Нови Сад, каде што денеска беше сослушан, Јачимовиќ беше пречекан од голем број граѓани и студенти – меѓу нив и оние кои бесплатно ги возеше на протести, поради што, како што сведочат, тој бил изложен на закани, притисоци врз семејството и материјални штети од страна на непознати лица.
Присутните го пречекаа со извици „Пумпај“.
„Чувајте ги децата. Нема да ве изневерам, нема сила. Само можам да им се заблагодарам на моите адвокати. Сè е во ред“, рече Јачимовиќ, прегрнувајќи ги своите бранители.
Неговиот адвокат Петар Прелиќ изјави дека судот ги прифатил нивните аргументи и ги отфрлил предложените мерки од Обвинителството. Судот не ја прифатил ни мерката домашен притвор, бидејќи тоа би го загрозило материјалното положение на Јачимовиќ, кој е самохран родител.
„Тој е слободен човек и оди дома. Закажана му е контрола за три месеци, препишана му е терапија, и е утврдено дека нема самоубиствени мисли – и дека е стабилен“, соопштија адвокатите.
Потсетуваме, Јачимовиќ беше сослушан под сомнение дека се обидел да предизвика општа опасност и да попречува службени лица во извршување на должност.
На 1 јули, пред просториите на Српската напредна странка во Нови Сад, Јачимовиќ се обидел да си наштети себеси, откако присуствувал на приведување на неговиот малолетен син.
Претходно, неговите возила повеќепати биле демолирани од засега непознати сторители.
Миломир Јачимовиќ со месеци наназад бесплатно превезуваше студенти на протести.