Но, поредок и подраматичен тип на супернова вклучува поинаков процес – двојна детонација на бело џуџе.
Астрономите за првпат добија визуелни докази за ваква двојна експлозија, благодарение на Многу големиот телескоп (VLT) на Европската јужна опсерваторија во Чиле.
Како изгледа двојната детонација?
Истражувањето, објавено во списанието Nature Astronomy, опишува остатоци од бело џуџе со маса приближно колку Сонцето, кое експлодирало пред околу 300 години, на растојание од 160.000 светлосни години од Земјата, во Големиот Магеланов Облак, сателитска галаксија на Млечниот Пат.
Сликите направени со инструментот MUSE (Multi-Unit Spectroscopic Explorer) прикажуваат две концентрични школки од калциум, што го потврдуваат механизмот на двојна детонација.
- Надворешниот прстен е резултат на првата експлозија, предизвикана од запалување на хелиумот на површината на белото џуџе.
- Внатрешниот прстен се формирал поради втората детонација, кога ударниот бран го активирал јадрото на ѕвездата.
Што точно се случува во овој процес?
Овој тип супернова, познат како супернова од тип Ia, се случува кога бело џуџе орбитира во бинарен систем – со другa ѕвезда, која може да биде друго бело џуџе или необична ѕвезда богата со хелиум.
Белото џуџе гравитациски извлекува хелиум од својот придружник. На површината, овој хелиум со текот на времето станува доволно жежок и густ за да детонира, што создава ударен бран кој ја запалува внатрешноста на белото џуџе, предизвикувајќи втора експлозија. Како резултат – ѕвездата е целосно уништена.
„Ништо не останува. Белото џуџе е целосно уништено“, изјави Пријам Дас, докторант по астрофизика на Универзитетот на Нов Јужен Велс и главен автор на студијата.
Според астрофизичарот Иво Зајтенцал, времето меѓу двете детонации е само околу две секунди – времето што ѝ е потребно на првата експлозија да се прошири од еден пол на ѕвездата до другиот.
Зошто е ова важно?
Суперновите од тип Ia се клучни за разбирање на космичката хемија – тие создаваат потешки елементи како калциум, сулфур и железо, кои се градбени блокови на планетите, па дури и на животот на Земјата.
Иако астрономите одамна знаат дека постојат вакви супернови, досега немаше јасни визуелни докази за двојна детонација. Новите податоци не само што потврдуваат една од главните теории, туку претставуваат и редок пример на „форензичка астрономија“.
„Ги проучуваме мртвите остатоци од ѕвезди за да разбереме што ја предизвикало нивната смрт“, вели Дас.
Извор: N1info.rs