Весна Булич-Бакетиќ, директорка на Музејот на градот Сплит, изјави дека се отворени врати за кои одамна се знаело дека постојат, но досега биле непроодни.
„Станува збор за влез што води од кулата директно во подрумските простории на палатата, кој во римско време служел за внатрешна комуникација во рамките на ѕидините“, појасни таа.
Вратите биле затрупани низ вековите, најверојатно при уривање на делови од ѕидините, со што ја изгубиле својата првобитна функција. Со тековните работи, повторно се исчистени и отворени.
Наод со големо значење
„Ова е важен археолошки наод бидејќи потврдува континуитет на користење на просторот од римско време до денес. Планираме реконструкција на овој дел од комплексот, а вратите нема повторно да се затвораат. Размислуваме да ги вклучиме како алтернативен излез за посетителите или евакуациски пат“, додаде Булич-Бакетиќ.
ХРТ објави видеоснимка од откритието на нивниот Фејсбук-профил.
Небојша Цингели, водител на археолошките истражувања, изјави дека главната цел била да се утврди степенот на сочуваност на јужната правоаголна кула.
„Кулата е изградена со техника opus quadratum, односно масивни камени блокови врз цврсти темели. Римјаните граделе стабилно и со голема промисленост. Ги отворивме вратите од кулата и ги поврзавме со подрумите – не изненади нивната зачуваност“, рече Цингели.
Северната страна сè уште е мистерија
Се претпоставува дека кулата била поврзана со императорските одаи, но комуникациските патеки сè уште не се целосно разјаснети.
„Не знаеме точно каде водат овие врати на северната страна. Останатите премини допрва ќе се истражуваат. Сигурно е дека вратите ќе останат отворени и ќе бидат вклучени во идната функционална и туристичка обнова на палатата“, подвлече тој.
Моментално, овој дел од подрумите е затворен за јавноста, но според плановите за ревитализација, ќе биде вклучен во културната и туристичката понуда на Диоклецијановата палата – еден од најзначајните споменици на римската архитектура на хрватското крајбрежје.