Американската влада им укина визи на над 1.000 странски студенти

Визите можат да бидат укинати поради различни причини, но универзитетите велат дека некои студенти биле таргетирани поради мали прекршоци, како стари сообраќајни прекршоци. Во некои случаи, студентите дури и не знаат зошто се мета на овие мерки.

Во последните неколку недели, на повеќе од 1.000 странски студенти во САД им беа укинати визите или правниот статус, пренесуваат американски медиуми. Неколку студенти поднеле тужби против администрацијата на Доналд Трамп, тврдејќи дека владата им го ускратила правото на фер постапка кога неочекувано им ја одземала дозволата за престој и студирање во САД.

Акциите на американската федерална влада за укинување на правниот статус ги доведоа стотици академци во ризик од притвор и депортација. Во тужбите поднесени против Министерството за внатрешна безбедност, студентите тврдат дека немало валидно образложение за укинување на визите или нивниот статус.

Визите можат да бидат укинати поради различни причини, но универзитетите велат дека некои студенти биле таргетирани поради мали прекршоци, како стари сообраќајни прекршоци. Во некои случаи, студентите дури и не знаат зошто се мета на овие мерки.

Во случајот на активистот Махмуд Халил од Универзитетот Колумбија во Њујорк, администрацијата на Трамп тврдела дека треба да се дозволи депортација на сите што учествувале во пропалестински протести.

Стејт департментот е надлежен за издавање влезни визи, додека Министерството за внатрешна безбедност го надгледува правниот статус на странските студенти откако ќе пристигнат во САД.

Порано, студентите на кои им беше укината визата можеа да го задржат легалниот статус и да ги завршат студиите. Невалидната виза само го ограничуваше нивното право да излезат и повторно да влезат во САД – за што можеше повторно да се аплицира.

Но, ако студентот го загуби статусот на легален престој, ризикува да биде притворен од имиграциските власти. Некои студенти веќе ја напуштиле земјата и студиите за да избегнат апсење.

Претставници на високото образование изразуваат загриженост дека апсењата и укинувањето на визи би можеле да ги обесхрабрат идните странски студенти да студираат во САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни