Во одговорот на Амбасадата за коха.нет се наведува дека „оваа континуирана блокада го забавува напредокот кон идните аспирации на Косово и го загрозува интегритетот на институциите што народот на Косово макотрпно ги создаде“.
-Ги повикуваме политичките лидери сериозно да ги сфатат своите одговорности и да соработуваат за да постигнат договор за конституирање на Собранието, што вклучува избор на претседател и потпретседател, се вели во одговорот.
Тие веруваат дека во наредните недели треба да се најде начин што ќе обезбеди стабилно лидерство во согласност со Уставот на Косово.
-Политичките лидери не треба да се потпираат на Уставниот суд за решавање на политичка блокада што само тие можат да ја решат. Народот на Косово очекува нивните лидери да ја исполнат својата обврска да дејствуваат во најдобар интерес на земјата, изјави Амбасадата на САД.
Амбасадата, исто така, изјави дека САД со нетрпение очекуваат да соработуваат со идната Влада на Косово „за унапредување на регионалната стабилност, безбедност и просперитет“.
Од недела е во сила привремена мерка од Уставниот суд на Косово, со која им се забранува на пратениците да донесуваат какви било одлуки или да преземаат какви било дејствија по истекот на рокот од 30 дена за конституирање, утврден со одлуката на 26 јуни. Забраната е во сила од 27 јули до 8 август.
Парламентарните избори во Косово се одржаа во февруари.