Алберт Хани, генерален секретар на RYCO: Креираме социјални промени преку културен активизам

Наскоро преку Културниот Фонд ќе отвориме нов повик за организации и индивидуалци кои ќе иницираат социјални промени преку културен активизам. Исто така наскоро ќе отвориме и нов повик за младински организации и организации за млади кои ќе имплементираат регионални проекти поврзани со спроведување на агендата за млади, мир и безбедност.

Во денешното интервју со Алберт Хани, кој е генерален секретар на RYCO и доаѓа од Северна Македонија, разговараме за RYCO, можностите кои ги нуди на младите, како и младинските трендови и политики од регионот.

Трн: Најпрво, кое е вашето лично мислење во однос на политиката и младите во регионот на Западен Балкан, дали има интерес за мировни проекти како RYCO?

Aлберт: Работната група за основање на RYCO беше креирана од млади луѓе кои беа вработени во институциите за млади и младински организации од целиот регион на Западен Балкан. Токму тие го иницираа процесот и креираа статутот, кој подоцна се ратификуваше во сите парламенти. Сите тие имаа одлична соработка и покажаа дека младите го сакаат мирот и се носители на позитивни општествени промени. Во регионот многу чести и историски се поделбите, но процесите кои не спојуваат треба да се чуваат и градат, ако сакаме побрзо да напредуваме.

Трн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите во регионот на Западен Балкан?

Aлберт: Како најголем проблем со кој се соочуваме последниот период е големата емиграција и одлив на млади мозоци. Процентот од речиси 70% од младите кои се заинтересирани да емигрираат од Западен Балкан е сериозно загрижувачки. Во нашите истражувања младите велат и дека не се многу заинтересирани за политичко учество бидејќи често сметаат дека со нивната вклученост не би придонеле до значителни промени. На младите им се потребни подобри услови и еднакви можности за нивен развој, вклучувајќи и нивна поголема регионална соработка, младински центри, младински совети, културни и спортски програми, но и подобра патна инфраструктура, олеснителни услови и поддршка за започнување со свој бизнис и т.н.

Трн: Опишете го RYCO за пошироката јавност. Која е вашата мисија и зошто тоа е битно за регионот?

Aлберт: RYCO или Регионалната Канцеларија за Младинска Соработка е независно функционирачки институционален механизам формиран и поддржан од 6те учесници на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, и Северна Македонија) со фокус на промовирање на одржлив мир, помирување и интеркултурна соработка на младите, преку младински програми за размени. Нашата цел е да се зајакне регионалната соработка на младите во Западен Балкан преку инклузија, толеранција и заеднички едукативни, економски и социјални младински програми. Добрата регионална соработка, особено на младите и градењето на одржлив мир е предуслов за целокупен просперитет на регионот.

Трн: Кои се придобивките од младинските размени и зошто тие се корисни за целиот регион?

Aлберт: Кога младите ќе имаат можност за патуваат и соработуваат со други млади од регионот, тогаш нивниот светоглед се проширува и нивните искуства и вештини се значително зголемени. Преку овие програми ние ги рушиме стереотипите и предрасудите кои често се наследени од постарите генерации и градиме нови цврсти мостови на културна, економска и социјална соработка во целиот регион.

Трн: Каква е организациската структура за RYCO?

Aлберт: Највисоко одлучувачко тело е Управниот Одбор на RYCO кој е составен од 6 институционални претставници т.е. по еден претставник од секоја институција за младински прашања, и 6 младински претставници т.е. по еден претставник, кои се бираат на отворени демократски избори со вклученост на младинските организации. Секретаријатот на RYCO кој се наоѓа во Тирана, Албанија и 6те локални канцеларии во главните градови во регионот на Западен Балкан се задолжени за имплементација на сите одлуки, планови и програми, како и за поддршка на нашите грантисти, претставување на организација, иницирање на соработки и промовирање на мисијата и визијата на организацијата.

Трн: Кои се тематските области на кои RYCO се фокусира во моментов?

Aлберт: Според новата стратегија на RYCO која ќе се имплементира во периодот 2025-2027 идентификувавме 4 главни тематски полиња на дејствување:
Пред се поддршка на младите, преку програмите кои ги имплементираме и се наменети директно за нив;
Потоа креирање на поддржувачка средина, преку соработка со носителите на одлуки и други чинители за да овозможиме подобри закони, програми и поддршка на младите во регионот; Поддршка на младински структури како младински организации и организации за млади, национални младински совети, училишта и мрежи на младински организации и зајакнување на внатрешните капацитети на RYCO преку тренинзи, зајакнување на интерните системи и системи за грант менаџмент, креирање на методологии за работа, истражувачки центар и т.н.

Преку овие полиња на дејствување ќе се обидеме да креираме што е можно повеќе можности за младите, за да ја зголемине нивната соработка и подобриме стандардот на живеење.

Трн: Какви отворени повици има достапни RYCO во моментов?

Aлберт: Само што  доделивме 18 грантови на младински и организации за млади кои во наредниот период ќе имплементираат проекти за мобилност и градење на капацитетите на младите во регионот. Наскоро преку Културниот Фонд ќе отвориме нов повик за организации и индивидуалци кои ќе иницираат социјални промени преку културен активизам. Исто така наскоро ќе отвориме и нов повик за младински организации и организации за млади кои ќе имплементираат регионални проекти поврзани со спроведување на агендата за млади, мир и безбедност. Сите овие повици ќе бидат објавени на нашата веб страна и социјални мрежи, со детални насоки и водичи за аплицирање, па ги охрабруваме сите заинтересирани да не следат и аплицираат.

Трн: Што е програмата„Супер Училишта“ и какви резултати се постигнати преку неа во регионот?

Aлберт: Преку оваа програма за училишни размени која ја спроведуваме заедно со GIZ, до сега имаме вклучено над 3000 млади и креирано над 150 училишни партнерска од Западен Балкан. Ги поддржуваме Средните училишта да креираат долгорочни регионални партнерства преку кои ги градиме капацитетите на професорите и на учениците да соработуваат и креираат животни пријателства.

Трн: Како RYCO избира на кои предметни области и проекти да се фокусира?

Aлберт: Во креирањето на нашите стратегии, директно консултираме голем број на млади лица, организации кои работат со млади, младински организации и професори од целиот регион на Западен Балкан. Ги анализираме сите направени истражувања за млади и младински политики на локално и национално ниво. Како и ги консултираме младинските претставници и институционалните претставници задолжени за млади во Управниот Одбор на RYCO, кои и ја гласаат стратегијата. Односно, работиме на се што е најпотребно за младите во регионот на Западен Балкан, поврзано со нашата визија и мисија.

Трн: Како RYCO го мери нивото на успех на своите програми?

Aлберт: учесници вклучени во нашите програми пополнуваат евалуациски прашалник на крајот на активноста, каде што детално го анализираат своето искуство. Преку сумирање на овие прашалници, како и дополнителни посети и анализи на активностите на терен со учесниците и координаторите, детално го мериме успехот и импактот на програмите и проектите кои ги доделуваме. Од анализата на евалуациските прашалници до сега, заклучивме дека над 90% од младите го евалуираат своето искуство како позитивно и се заинтересирани да соработуваат со младите од регионот.

Трн: Како ги охрабрувате и регрутирате младите да се вклучат во вашите програми?

Aлберт: Активни сме на сите социјални мрежи и редовно споделуваме повици за учество, како и информации за програмите и активностите кои ги имплементираме. Дополнително имаме и онлајн весник кој го споделуваме на нашите гласила и со сите контакти, во кој информираме за сите моментални и идни активности. Во сите наши програми, доделени грантови и активности фокусот го ставаме на младинското учество, односно даваме голем приоритет на проектите во кои младите го имаат главниот збор при планирање и имплементација на истите.

Трн: Како обезбедувате вашите програми да вклучуваат различни младински гласови и перспективи?

Aлберт: Нашата нова стратегија за 2025-2027 год беше креирана преку детални консултации со голем број на млади и оние кои работат со младите во цел Западен Балкан. Дополнителни, ги анализиравме и зедовме во предвид сите направени истражувања за младите, младинските трендови и потреби во Западен Балкан. Младите се активни и ги носат одлуките на база на ко- менаџмент и консензуспреку мпреку своите младински претставници  во Управниот Одбор на RYCO. Преку анализа и сумирање на резултатите од евалуациските прашалници кои младите учесници ги пополнуваат, постојано ги подобруваме  програмите и креираме нови.

Трн: За крај, која промена би сакале да ја видите за да ги поттикне младите луѓе да имаат поголема автономија за правење промени во иднина?

Aлберт: Само одржливи системи базирани на ко- менаџмент, транспарентност и инклузивност можат да бидат носители на зголемена автономија на младите за правење на вистински долгорочни промени. Кога младите ќе почуствуваат дека тие се вистински консултирани и имаат простор да се изразат, тогаш нивниот вистински потенцијал доаѓа до израз и тие несебично се вложуваат. Законите за младинско учество и младински политики се добар почеток во овој процес, но сите закони треба целосно да се имплементираат и да се подложни на постојани промени и прилагодувања на потребите и трендовите на младите. Креирање на дополнителни програми и можности за младите се секогаш добредојдени, бидејќи младите не се само иднината, но и сегашноста која треба има добри можности да се развива дома, за да креираме подобра иднина за сите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни