Африканската свинска чума продолжува да се шири во Славонија

Африканската свинска чума (АСЧ) и натаму се шири низ регионот на Славонија, предупредуваат хрватските надлежни институции. Министерството за земјоделство, шумарство и рибарство на Хрватска утрово објави дека вирусот е потврден на уште неколку локации во Осијечко-барањската жупанија, при што се нагласува неопходноста од строго спроведување на сите пропишани биосигурносни мерки во целиот производствен синџир.

Според соопштението на Министерството, нови жаришта на африканската свинска чума се откриени на 29 јули во објект во населеното место Далј, Општина Ердути, како и на уште една локација во Општина Јагодњак. Само неколку дена претходно, на 25 јули, вирусот беше детектиран и во четири лешини од диви свињи пронајдени на брегот на Дунав, на границата со шумскиот предел Пориќ.

Зголемена закана од соседна Србија

Министерството дополнително укажува на зголемен ризик од ширење на вирусот преку границата со Србија. Според нивните податоци, српските власти пријавиле 51 ново жариште на АСЧ, главно во Мачванскиот регион – област која, исто така, се наоѓа покрај Дунав. Се смета дека постои интензивна циркулација на вирусот во тој дел, што претставува сериозна закана за свињарското производство во Хрватска и регионот.

Како одговор на новонастанатата ситуација, хрватските власти донеле Решење за воспоставување зона на заштита и зона на надзор. Зоната на заштита ги опфаќа Општина Ердути, населеното место Алјмаш и делови од Далј кои се наоѓаат северно од државниот пат D213. Надзорната зона вклучува делови од Општината Ердути, населените места Ердути, Бјело Брдо и делови од Далј кои се наоѓаат јужно од истиот пат.

Во овие подрачја, како и во сите објекти што се епидемиолошки поврзани со жариштата, ветеринарните служби спроведуваат низа строги мерки за да се спречи понатамошно ширење на болеста. Во Општина Јагодњак, од вчера се спроведуваат и мерки за депопулација на заразени животни.

Биосигурноста е клучна

Министерството апелира на доследно почитување на сите пропишани биосигурносни процедури. Тоа подразбира внимателна организација на секојдневните активности во фармите: контрола на движењето на луѓето и возилата, правилно складирање и ракување со храна, одржување на евиденции и користење на заштитна опрема.

Посебно внимание треба да се обрне при извршување на земјоделски и шумски работи во погодените подрачја, каде што е задолжително темелно миење, чистење и дезинфекција пред враќање во фармите. Носењето заштитна облека и обувки е исто така задолжително при престој во објекти со животни.

Според Министерството, најголема одговорност лежи кај самите фармери и производители, кои мораат да воспостават и контролираат систем на безбедносни мерки на нивните објекти. Само со дисциплиниран пристап може да се спречи катастрофално ширење на заразата.

Важно е раното откривање

Суштинска улога има и редовното набљудување на свињите, при што секое отстапување во нивното здравје или производствените навики треба веднаш да се пријави на надлежниот ветеринар. Брзата реакција е клучна за навремено идентификување на потенцијални случаи и превземање на мерки за сузбивање.

Раното пријавување на сомнителни случаи е единствениот начин да се минимизираат не само здравствените, туку и економските последици, како за фармерите, така и за целото стопанство и потрошувачите. Африканската свинска чума нема лек, ниту вакцина, а единствениот начин за спречување на нејзиното ширење е преку превенција, едукација и строго почитување на протоколите.

Со оглед на непредвидливоста на болеста и нејзиниот брз начин на ширење – ова не е само прашање на сточарство, туку и на јавна безбедност и економска стабилност во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни