Гоце Стојановски, уметник

3Д слики на староградска кратовска архитектура од природни материјали

Среде јули екипата на Трн е во посета на еден од најстарите градови на Балканот, Кратово. Чекорејќи по вековната калдрма, тишината ја разбива само нежен удар од чекан. Еден господин кова клинец во ѕидот од своето ателје и ја закачува најновата слика.

„Староградската кратовска архитектура е многу ретка, но за жал се помалку може да се види. Токму тоа и ме инспирираше, преку 3Д слики од природни материјали да ја спасам од заборав кратовската автентична архитектура“, вака ни одговори Гоце Стојановски. Тој тука е роден, цел живот твори во градот сместен во кратер на изгаснат вулкан. Не покани да влеземе, ни направи кафи и го почнавме муабетот.

По две децениска новинарска кариера машините за пишување и микрофоните ги заменил со четки, бои, глета и што уште ли не, а е потребно за да се изработи 3Д мозаик слика, на која со сета своја автентичност е прикажана староградска кратовска архитектура.

И додека Стојановски ги разместува парчињата шпертплоча, лесонит и медијапан кои му служат како подлога за сликите, ни објаснува дека убавината на секоја од нив е во деталите, прикажувајќи ги автентичниот испуст, кров или трем. Потенцира дека мора да се зачуваат сите автентични детали особено од предната фасада. Меѓу другото, една од најголемите одлики на кратовските куќи се и камените плочи, ни раскажува Стојановски.

Кога го прашавме од каде наоѓа материјали, но и како тече процесот од идеја до слика закачена на ѕид, се насмевна и кусо ни одговори:

„Користам локален материјал. Камчињата на сликите често се автентични од самата куќа или сокакот. Се користи дрво, печени тули, се е природни материјали… До 60-тите во Кратово во ниту една куќа немаше грам бетон, се е од природни материјали. Луѓето живееле еколошки, од балконите се гледа цела панорама на градот, а тоа го дозволува положбата на теренот“.

Голем дел од староградските кратовски куќи сега се само убав спомен кај некои граѓани. За среќа, вели Стојановски постојат фотографии, а тоа е одлична документација за да се види точно како изгледале тие градби.

Своето богато искуство од скоро една деценија како уметник, Стојановски го пренесува и на младите генерации.

„На ликовни работилници често на младите им посочувам дека релјефот е тој кој го дава автентичниот облик на објектот. Затоа и секоја слика на која е прикажана староградска куќа е комбинација на дрво и автентични бои од ќерамиди“, низ лаф муабет ни раскажува Стојановски.

Ова лето или можеби во било која друга прилика кога ќе одите во Кратово побарајте го Гоце Стојановски. Ако не за сликите, барем да го поздравите уметникот со голема дарба и желба да ја сочува староградската македонска архитектура. Има кој да ни ја чува традицијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни