Според досегашните наоди, трагедијата однесе 59 животи, а околу 200 лица се здобија со тешки повреди. Дискотеката, во моментот на несреќата, била исполнета со околу 500 посетители, иако официјално биле продадени само 250 влезници.
Истражните тимови утврдиле дека објектот не поседувал доволно противпожарна опрема, немал хидрантска мрежа и користел нелегални пиротехнички средства, што според првичните извештаи било причина за пожарот. Дополнително, утврдено е дека дискотеката немала ниту важечка дозвола за работа, а меѓу организаторите и музичката група не бил потпишан официјален договор.
Во рамките на истрагата, седум полициски службеници се осомничени за злоупотреба на службената положба, бидејќи овозможиле локалот да функционира без да ги исполнува безбедносните стандарди. Јавното обвинителство побара нивно притворање, додека 18 лица веќе се наоѓаат во 48-часовен притвор.
Истражните органи продолжуваат со анализирање на обемната документација, а истрагата се проширува и на можни случаи на примање и давање мито, како и нелегална набавка на пиротехнички средства.