24 годишната Захо де Сагазан ги тресе мрежите со канската изведба на “Modern Love” од Боуви

24-годишната француска пејачка Захо де Сагазан ја воодушеви публиката на овогодинешниот филмски фестивал во Кан со нејзината прекрасна изведба на класичниот хит на Дејвид Боуви, „Modern Love“. Изборот на песна и нејзината моќна изведба ќе останат уникатен белег на гламурозното отворање на фестивалот. Но, што се крие зад оваа песна и зошто Захо избра истата да ја посвети на американската актерка и режисерка Грета Гервиг?

Емотивна посвета за еден историски момент

77- от филмски фестивал во Кан, кој беше отворен на 14 мај, e настан кој на едно место, покрај живописната француска ривиера, ги спои најпознатите личности и ѕвезди од целиот свет. Вечерта на отворањето на фестивалот беше обележана со настапот на Захо де Сагазан која ја пееше легендерната „Modern Love“, посветувајќи ја на Грета Гервиг. Оваа посвета е со посебно значење бидејќи Гервиг влезе во историјата со тоа што стана првата жена – американска режисерка на чело на жирито во Кан и најмладата личност што ја имала оваа чест од 1966 година.
Со својот настап Захо изрази огромна почит кон Гервиг, која се истакна преку нејзината улога во романтичната комедија ,,Frances Ha’’. Песната „Modern Love“ стана синоним за ликот на Гервиг во филмот, особено во култната сцена каде таа танцува низ улиците додека во позадина свири хитот на Боуви. Почитта на Захо не беше само поздрав за влијанието на Гервиг во филмската индустрија, туку и славење на нејзиното историско достигнување во Кан.

Легендарната „Modern Love’’ на Дејвид Боуви

„Modern Love“ на Дејвид Боуви е песна која ги отсликува сложеноста и предизвиците на љубовта во современиот свет. Текстот го одразува чувството на разочарување од концептот на љубовта што се прикажува во современото општество. Зборовите на Боуви ја опишуваат борбата за помирување на идеализираната верзија на љубовта со суровата реалност на секојдневните врски.
Со изборот да ја изведе „Modern Love “, Захо де Сагазан го поврзува својот музички талент со богатото наследство на Боуви и филмското влијание на Гервиг. Нејзиниот настап стана вирален, дополнително зголемувајќи ја нејзината популарност, која веќе достигна голем пораст во Франција во 2023 година. Нејзиниот деби албум „La symphonie des éclairs“ продаден е во над 100.000 примероци, поставувајќи ја како значајна фигура во Француска музичка сцена.
Изведбата на Захо на „Modern Love“ беше повеќе од обична изведба. Овој настап е искуство кое длабоко одекна кај публиката. Таа во песната го внеси нејзиниот уникатен дух, правејќи ја незаборавна точка на фестивалот. Додека Захо продолжува да се издигнува, почитта која ја оддаде на Грета Гервиг во Кан е доказ за нејзиниот талент и големата моќ на музиката и филмовите да не инспирираат и поврзуваат сите нас.

Захо-Агат Ле Мониес де Сагазан, позната како Захо де Сагазан, е француска пејачка и текстописец, родена на 28 декември 1999 година во Сент-Назер, Франција. Таа стекна брза популарност со објавувањето на нејзиниот прв албум, “La Symphonie des éclairs,” во март 2023 година. Во февруари 2024 година, беше номинирана во пет категории на 39-тата церемонија Victoires de la Musique и освои четири награди, вклучувајќи ги оние за оригинална песна и албум на годината. Нејзината музика е под влијание на електронската музика од 1980-тите, француската шансона и артисти како Том Одел, и често настапува со мултиинструменталистот Том Џефреј и музичарите од групата Inuit.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни