Иако тој е најпознат по неговиот валцер „На прекрасниот син Дунав“, кој стана неофицијална национална химна на Австрија, тоа е само едно од неговите 500 танцови парчиња што сè уште живеат во сезоната на балови во Виена. Трајната популарност на Штраус лежи во заразните песни што ги компонирал за да ги развесели луѓето, изјави неговиот прапра-внук Едуард Штраус за АФП. „Тој едноставно создаде музика која ги допира сите“, рече тој.
Но, неговата слава е многу повеќе од неговите хитови. Исто како и денес, продажбата на музика тогаш се потпираше на маркетинг и развој на бренд. „Може да се каже дека тој всушност беше првата поп-ѕвезда во модерна смисла“, рече водичот на музејот Штраус, Клара Кауфман. Виена ја одбележува 200-годишнината со специјални настани, концерти и изложби, па дури и со авион на Аустриан Ерлајнс со портрет на Штраус и неговата виолина.
Штраус е роден во 1825 година во едно предградие на Виена во семејство на познати музичари, но и покрај славата на неговиот татко, помладиот Штраус не дошол лесно до успехот. Пркосејќи на изразената желба на неговиот татко да не оди по неговите стапки, тој тајно земал часови по виолина со поддршка на неговата мајка.
Откако татко му го напуштил семејството за друга жена, мајката на Штраус, Ана стана движечка сила зад кариерата на нејзиниот најстар син, кој „штанцал музика“ за да заработи за живот. „Порано немаше осигурување, никаков пензиски план или нешто слично“, изјави Едуард Штраус за АФП. „Мораше да заработиш за живот“, вели 69-годишниот пензиониран судија. Јохан го имаше своето деби на 18-годишна возраст, станувајќи директен ривал на неговиот татко на пазарот.
Усовршувајќи ги поедноставните валцери на неговиот татко, тој ги издигна во рафинирани концертни дела со лесна и енергична танцова музика која им помогна на многумина да заборават на тешкотиите со кои се соочувале во царската Виена во 19 век. Штраус одржувал импресивни изведби, свирејќи на виолина со голема самодоверба и френетично диригирајќи го оркестарот. Беше почитуван и поради неговиот беспрекорен изглед.
Бил работохолик, женкар, но и сосема поинаква личност надвор од сцената, несигурен и со сомневање во себе, изјави неговиот прапра-внук.
„Имал многу фобии, вклучително и онаа за патување, и имал потешкотии со жените. Бил мамин син“, рече тој. Кога неговиот татко починал во 1849 година, помладиот Штраус го презел оркестарот на неговиот татко и истакнатите забавни установи во градот. И покрај нервниот слом поради исцрпеност, Штраус продолжил да настапува и да компонира со импресивна брзина.
Во 1866 година, Штраус го компонирал веројатно најпознатиот валцер во светот, „На прекрасниот син Дунав“, кој се изведува секоја година на престижниот Новогодишен концерт во Виена. Иако го презирал патувањето, тој редовно ја обиколувал Европа и го забавувал руското благородништво повеќе од една деценија.
Иако на почетокот се мачел со оперети, тој успеа да компонира неколку, меѓу кои и хит-оперетата „Лилјакот“.
„Луѓето сè уште танцуваат на валцерите на Штраус и можете да ги слушнете во концертните сали, а тоа беше неговото посебно достигнување“, рече музикологот Томас Ајнер за наследството на ценетиот композитор, кој почина во 1899 година.