Хрватска со протестна нота до Србија по приведувањето и протерувањето на нејзини државјани

Хрватска ќе испрати протестна нота до Србија поради приведување на пет хрватски државјанки во Белград, најави министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман


Вкупно 13 странски државјани биле приведени без образложение во Белград ноќта помеѓу 21 и 22 јануари, по што биле протерани од Србија со забрана за влез во период на една година.

Во понеделникот и вторникот во Белград се одржа Ерсте академијата за невладините организации, организирана од Ерсте фондацијата. Според изјави на некои од приведените, полицијата ги привела учесниците од хотелот во кој биле сместени во Белград без било какво објаснување.

Како што пренесуваат, по повеќечасовното задржување, им бил издаден налог веднаш да ја напуштат Србија и им бил забранет влез во земјата на една година. Приведените учесници на академијата биле од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка.

Хрватските медиуми објавиле дека пет хрватски државјанки, претставнички на невладините организации кои учествувале на работилниците на Ерсте фондацијата во Белград, поминале голем дел од ноќта во белградската полиција.

Во решението кое им било издадено, како причина за депортацијата наведени се „безбедносни причини за заштита на Република Србија и нејзините граѓани“.

Како што за Јутарњи лист раскажала историчарката на уметност Ана Ковачиќ од Загреб, која ги претставувала кураторските колективи „Што, како и за кого/WHW“ на работилниците, работилниците траеле два дена. По завршувањето на работилниците, учесниците отишле на пијалак и се вратиле во хотел околу 23.30 часот.

„Во холот не дочекаа мажи во цивил кои ни пријдоа, на кратко ни покажаа свои значки и рекоа дека се полицајци за странци и дека ќе мораме да одиме со нив во станица. Не одговорија на ниту едно наше прашање, рекоа дека тоа не е нивна обврска. Ништо не ни беше јасно, ги зедоа нашите документи и ни наредија да чекаме во холот“, вели Ковачиќ.

Откако помина околу еден час, мажите се вратија и ги одведоа учесниците на работилниците во полиција.

„Нас не одведоа две улици понатаму и бараа да влеземе во необележан автомобил. Не знаевме кои се тие, не одговорија на ниту едно прашање, не знаевме каде одиме. Не знам што би правела ако бев сама“, вели Ковачиќ.

Во автомобилот, еден од нив им рекол дека имаат потерница и навестил дека едно од здруженијата на чијашто работилници учествувале било „сомнително“.

„Не одведоа на станица, каде што повеќето од нашите колеги од работилниците веќе беа таму. Беа испрашувани околу еден час. Потоа ми рекоа дека ги прашувале кое средно школа завршиле, кој факултет, за кои здруженија работат, кој ги финансира, за што се работилницата, што точно работеле, дали некој бил со нив во Белград и зошто…“, вели Ковачиќ.

Кога дошло време за неа и уште две колешки од Хрватска, веќе било скоро 4 часот наутро. Тие биле повикани во собата, но ништо не ги прашувале бидејќи смената им завршувала.

„Ни дадоа некој документ на кирилица и побараа да потпишеме. Реков дека многу слабо читам кирилица и ги молев да ни го преведат. Направија тоа делумно, ни прочитаа неколку реченици и рекоа дека во документот пишува дека го загрозуваме безбедноста на Република Србија, дека треба да ја напуштиме земјата во рок од 24 часа и дека ни е забранет влез во Србија на една година“, вели Ковачиќ.

Исцрпена и преморена, вели, го потпишала документот затоа што само сакала да замине – и од станицата и од Србија.

„На крајот не сакаа ниту да не вратат во хотел, се вративме со такси. Сите се собравме во хотелот и разменивме искуства. Сите имале исто искуство, но мислам дека најтешко им било на Романците кои не го разбираат јазикот, а полицајците многу слабо и нерадо зборуваа англиски. Романците навистина не разбраа што се случува, а беа многу површно информирани за актуелните случувања во Србија“, додава таа.

„Нас не контактираше нашата амбасада во Белград, која е запознаена со случајот и понуди помош. Не контактираа и од Ерсте фондацијата, чијшто претставници го напуштија Белград вчера, па не знаеја што се случило. Преземаат одредени мерки, побарале секој учесник да напише извештај“, вели Ковачиќ.

Програмата на овие работилници за регионот на поранешна Југославија, централна и источна Европа Ерсте ја реализира од 2015 година во рамки на Ерсте НВО академијата, а Ковачиќ учествува во 4-5 работилници годишно. Ова не е прв пат да се одржат работилници во Белград.

Хрватска најавила протестна нота до Србија поради приведување на државјанки на таа земја


Хрватска ќе испрати протестна нота до Србија поради приведување на пет хрватски државјанки во Белград, најави министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.

Тој на новинарите во Давос, на 22 јануари, изјави дека Загреб ќе ја ревидира препораката за патувања на хрватски државјани во соседната земја во интерес на нивната заштита и безбедност.

Најави и дека Хрватска ќе ги собере „сите случаи на малтретирање на хрватски државјани“ и со тоа ќе ја информира Европската комисија и полското претседателство на Европската унија.

Грлиќ Радман потврди дека хрватските државјанки кои учествувале на работилницата во Белград на 21 јануари биле приведени без било какво објаснување и протерани од Србија со забрана за влез на една година.

Полицијата, Безбедносно-информативната агенција и Министерството за надворешни работи на Србија до објавување на веста не одговорија на прашањата за причините за приведување и депортација на странски државјани.

Највисоките државни функционери, не презентирајќи докази, во своите изјави тврдат дека студентските блокади и протестите биле под влијание на западните разузнавачки служби, со цел да се собори претседателот Александар Вучиќ.

Тврдењата за вмешаност на странски служби во протестите ги изнесуваше и самиот Вучиќ, кој крајот на декември 2024 година за телевизија Пинк зборуваше за наводната вмешаност на хрватската разузнавачка служба во студентските блокади.

Тогаш група студенти од Хрватска која била во посета на Србија ја обвини дека хрватската разузнавачка служба преку нив врши „влијание“ врз факултетите во блокада.

Тврдењата на Вучиќ беа отфрлени како невистинити од студентите во блокада, но и од хрватските функционери, предводени од премиерот Андреј Пленковиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни