На денешен ден пред 121 годинa на 18 август 1903 година, само 6 дена после падот на Крушевската република, е роден Никола Мартиноски еден од најголемите сликари во овие простори. Тој е еден од основачите на Националната галерија на Македонија. На Крушево му поклонил збирка од 62 ремек дела кои се наоѓаат во уметничката галерија која го носи неговото име.
Мартиноски дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).
По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.
Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично.
Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.
Некои од цртежите на Мартиноски се во блиска врска so византиската естетика, а други со симболизмот и надреализмот. Еротското, како лирска авантура и драма на страста, е присутно во многу цртежи на Мартиноски, а тука е и митолошкиот феномен, но за да предаде некои современи проблеми преку фантазијата и симболизмот Мартиноски никогаш не користи директни и вулгарни асоцијации.
Овие цртежи биле придонес за целата југословенска уметност од тоа време.
Мартиноски постепено ја менувал својата внатрешна тензија. Така, во цртежите од 1956, 1957, 1958 и 1959 година, внел аглести конструкции и деформации, кубистичка изразност и фантазија во композицијата, невообичаените, драматични и смели позиции на фигурите во просторот или грациозните, рафинирани и извиткани облици, се особено забележливи од 1959 до неговата смрт во 1973 година. Некои од маслата (1954-1955), изложени и во САД, му припаѓаат, исто така, на периодот на „симболичниот експресионизам” на Мартиноски, полни со сензуална и идилична атмосфера, слобода или фантазија во изразот, тие ги поврзуваат експресионистичките модели, со симболистички и надреални моменти.
По 1960 година, овие тенденции се следат и во други дела на Мартиноски, особено во некои од неговите масла на стакло.
Понатамошниот развој на творештвото на Мартиноски се одликува со барање на континуитет и синтеза на сите видови на дотогашниот уметников израз. Не постои еднообразен третман на различните теми, а слободно импровизираните мотиви се многу блиску до експресионистичкиот израз. Делата на Мартиноски од неговата последна фаза, со мотивите и стилот се блиски со неговото претходно творештво. На почетокот на шеесеттите години „мајките” и „доилките” се реалистички обработени. По 1965 година, Мартиноски трага по импресивни пози на фигурите и поубедлив ликовен третман. Потоа создал бројни дела на овој мотив каде без особени иновации го следи академскиот стил и ја нагласува звучноста на боите. Мартиноски во овој период изработил многу портрети и слободни композиции во кои често го следи експресионизмот. Посебно се истакнува „Автопортрет” (масло, 1969), кој е синтеза на фовистички и експресионистички третмани со слободно развиени форми, интензивни бои и импресивна психолошка изразност на ликот.
Во многу мртви природи од овие години, Мартиноски речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан. Во поуспешните нагласена е масата на предметите, смелоста на редукцијата и богатството на боите.
Мартиноски во серија цртежи ја прикажал скопската трагедија од 1963 година. Тоа се поетизирани, патетични или драматични претстави, изведени со креди во боја, молив или фломастер. Во елегантни и маниристичко истанчени линии, континуирани, меѓусебно поврзани или прекршени, Мартиноски предал фигурални композиции, сместени или расфрлани во бескраен простор. Такви се (стилски) и двете масла на темата „земјотрес”, кои се негови порутински остварувања.