Роден во 1917 година во Штип, Глигоров останува запаметен како мудар политичар кој веруваше во мир, стабилност и заедништво. Неговата порака „Македонија е сѐ што имаме“ и денес одекнува со значење.
Во негова чест, Општина Штип и Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ денеска организираа отворен ден во Спомен-собата, каде што посетителите можеа да погледнат лични предмети, фотографии и документи од животот на Глигоров. Беа достапни и нови флаери со информации за неговата работа и улога во историјата.
„Овој ден го обележуваме секоја година за да не заборавиме кој беше Киро Глигоров и што направи за Македонија“, рече Кирил Панајотов од Општина Штип. Тој истакна дека собата постои благодарение на семејството Глигорови и дека Центарот уште од 2017 го носи неговото име.
Киро Глигоров беше претседател од 1991 до 1999 година, и почина на 1 јануари 2012 година. Неговото наследство денес живее низ институциите, но и низ спомените на сите оние кои ја паметат неговата пораката за трпеливост, дијалог и љубов кон татковината.