Ѕверски напад врз бездомно куче од вработен во Момин Поток

Во Момин Поток е снимен случај на невидена суровост врз бездомно куче, кое над 20 пати било ѕверски удирано по главата од вработен во фирма, соопштува здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

„Мирно куче било нападнато со дебело дрво, пред четири други мажи, без кој било да се обиде да го спречи нападот. Случајот би останал незабележан доколку не беше фатен на камерите за видеонадзор. Кучето квичело од болка, без можност да избега,“ велат од здружението.

„Како општество, мора да се запрашаме со какви луѓе сме опкружени, кога никој од присутните не реагирал на ваква суровост. Бараме итна кривична постапка и тригодишна затворска казна за напаѓачот. Вакви постапки се показател на длабока психопатологија и мора да бидат најстрого санкционирани,“ истакнуваат од „Анима мунди“.

Здружението потсетува дека во многу европски земји вакви дејствија носат далеку построги казни – во Англија до пет години затвор, а во Грција до 10 години и високи парични глоби.

„Овој напад е доказ за моралната девијација во општеството и потенцијален индикатор за насилство врз ранливи категории како деца и жени. Државата мора итно да преземе чекори за строга казна на насилството врз животните,“ додаваат од здружението.

Од „Анима мунди“ информираат дека напаѓачот е приведен и нагласуваат дека ќе го следат случајот до крај. Тие бараат јавно обраќање од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и унифицирана поддршка за предложените измени на Кривичниот законик, што ќе ги достават до Владата и другите релевантни институции.

„Голема благодарност до ЈП „Лајка“, ветеринарите и доктор Марин Величковски, кои прават сè за да го спасат ова најмирно и најкротко куче. Се бориме вакво нешто никогаш да не се повтори, а сторителот да остане зад решетки,“ се наведува во соопштението.

Вознемирувачката снимка можете да ја погледнтете тука.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни