Во Германија, веќе една година е во сила нов закон за самоопределување, со што им се олеснува на луѓето да го променат својот пол во документите. Досега, повеќе од 22.000 луѓе ја искористиле оваа можност, претежно жени.
Во Германија, од пред една година, можe да се промени полот внесен во личните документи, со едноставна декларација во канцеларијата на матичарот. Уште од август 2024 година, луѓето кои сакаат да го променат својот пол можеа да аплицираат за нова регистрација на пол, а на 1 ноември 2024 година стапи во сила Законот за самоопределување.
Многу трансродови лица долго чекаат на новиот Закон за самоопределување. Според податоците на Федералниот завод за статистика по донесувањето на законот 22.049 го промениле полот во своите документи.
Едноставна и брза постапка
Постапката е едноставна: лицата кои сакаат да го променат својот родов знак поднесуваат барање до матичната служба во нивното место на живеење. По три месеци, а најдоцна во рок од шест месеци од поднесувањето на барањето, можат да дадат официјална изјава која е заверена на нотар. Потоа матичната служба ја проследува изјавата до местото на раѓање.
Изјавите ретко се одбиваат. Кога тоа ќе се случи, најчестите причини се пропуштање на рокот, несовпаѓање на новите имиња со полот, нелегални посебни знаци во името или недостаток на согласност од законскиот застапник.
Жените се запишуваат почесто од мажите
Меѓу 10.556 лица кои го промениле својот пол во 2024 година, повеќе од 60 проценти претходно биле регистрирани како жени. Податоците покажуваат дека од жени во мажи полот го промениле 4.778 лица, од мажи во жени 3.467, од жени во „разни“ или „без регистрација“ 1.630, и од мажи во „разни“ или „без регистрација“ 691 лице.
Каков е стариот закон?
Според стариот закон, од јануари до октомври 2024 година, само 596 лица го промениле својот пол. Во тој период, веќе беше јасно дека Законот за транссексуалци влегува во историјата. Според тој закон од 1980 година, луѓето кои сакале да го променат својот пол морале да добијат две психијатриски мислења и да чекаат судска одлука, што вклучувало високи трошоци и многу интимни прашања, на пример за навиките за мастурбација.
Поддржувачите на законот постојано истакнуваат дека процесот на промена на полот според стариот Закон за транссексуалци бил понижувачки. Токму затоа многумина чекале на новата регулатива.
