По успешната година за француската кинематографија, која заблеска на меѓународните фестивали и ја освои публиката во кината, Цезарите имаат богат избор на филмови, пренесува агенцијата Франс прес.
Година дена по триумфот на филмот „Анатомија на падот“ на режисерката Жустин Трие, годинава во категоријата за најдобра режија се натпреваруваат исклучиво мажи.
Фаворит на овогодинешното доделување е „Грофот Монте Кристо“, кој освои 14 номинации и привлече 9,4 милиони гледачи во кината. Според посетеноста, со 4,9 милиони продадени билети, во конкуренција е и романтичната драма „L’Amour ouf“ на режисерот Жил Лелуш.
Контроверзи околу „Емилија Перез“
За вториот голем фаворит, „Емилија Перез“ на Жак Одијар, исходот останува неизвесен. Овој мјузикл на шпански јазик, кој обработува приказна за трансродова промена на мексикански наркобос, доби 12 номинации.
Сепак, филмот се соочува со контроверзии во Мексико, каде што го обвинуваат за романтизирање на насилството поврзано со дрогата. Дополнително, главната актерка Карла Софија Гаскон се најде во центарот на скандал, откако на површина излегоа нејзини стари објави на социјалните мрежи, во кои го нарекува исламот „упориште на заразата за човештвото“ и исмејува различноста во шоу-бизнисот.
Филмот, кој инаку доби најмногу номинации за претстојните Оскари, сега е во незавидна позиција, а останува да се види како тоа ќе се одрази на Цезарите.
Почесни награди за Џулија Робертс и Коста Гаврас
Покрај Катрин Денев како претседателка на свеченоста, наградите ќе ги врачуваат повеќе водители, меѓу кои актерката Емануел Беар и режисерката Жустин Трие.
Оваа година, почесни Цезари ќе им бидат доделени на американската актерка Џулија Робертс и француско-грчкиот режисер Коста Гаврас.
Во категоријата најдобар краткометражен филм, номиниран е хрватскиот режисер Небојша Слијепчевиќ со своето остварување „Човекот кој не можеше да молчи“, кое е номинирано и за Оскар во истата категорија.
Свеченоста ќе се одржи во познатата париска сала Олимпија, а преносот ќе го врши Канал Плус.
Историја на наградата Цезар
Цезар е националната филмска награда на Франција, основана во 1975 година, и се смета за францускиот Оскар. Номинациите ги определува Француската академија за филмска уметност, а во конкуренција се филмови прикажани во текот на претходната година.
Наградата го носи името на скулпторот Цезар Балдачини (1921-1998).