Проектот е дел од Еразмус+ КА2 програмата во областа на млади, кофинансиран од ЕУ и поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

[Ден 1] На средба со градоначалничката на Град Келце, г-а Агата Војда беа претставени активните мерки за поддршка на лицата со попреченост, по што следеше размена на искуства помеѓу трите земји во насока на подобрување на условите за социјалниот, здравствениот и образовниот сектор. Денот продолжи со посета на Урбан Лаб – простор за активно општествено вклучување на младите, акде беше одржана средба со претставници на граѓански организации кои делуваат на полето на социјална инклузија. При посетата на културниот центар на Град Келце се одржа разговор со Регионалниот Совет за предизвиците во вклучување на лицата со попреченост во културата.

[Ден 2] Учесниците го посетија Центарот за грижи, кој нуди услуги и активности од областа на музика, уметност, готвење и развој на животни вештини, со цел унапредување на самостојноста на лица со интелектуални попречености над 18 годишна возраст. Дополнително, Специјалното училиште за лица со попречености ги претстави своите образовни и тренинг програми за лица со попречености за стекнување на работни вештини, како и услугите за сензорна интеграција и биофидбек терапија.

[Ден 3] Учесниците имаа можност да се запознаат и со активностите на Центарот за социјална интеграција и работно оспособување при Фондацијата „Играме со вас“, кој вработува лица со попреченост во процесот на производство и продажба на слатки и нуди дневно сместување и рехабилитација за лица со Алцхајмерова деменција и Паркинсонова болест. На средбата во асоцијацијата Koło w Kielcach, на учесниците им беа претставени нивните услуги за рана интервенција, рехабилитација, образование и стручно усовршување на лица со интелектуални попречености и инспиративните иницијативи за долгорочно оспособување и згрижување на корисниците.

“Оваа динамична посета ја финализиравме со евалуација меѓу партнерските организации, каде ги споделивме впечатоците со цел зајакнување на соработката и за успешно креирање на прирачник кој ќе допринесе кон креирање на поквалитетни услуги и посоодветен пристап и комуникација на професионалците и лицата со попречености.” – изјави Гере Трипков, еден од учесниците и претседател на здружението.
Со успешното завршување на сите три меѓународни посети, проектот продолжува да се развива и да поттикнува силна соработка меѓу партнерите, создавајќи трајни позитивни промени во заедницата на лица со порпеченост.
