Винарската визба „Тиквеш“ е прогласена за „Best Producer – Republic of North Macedonia“ на престижниот меѓународен вински натпревар Mundus Vini, признание што се доделува на производители со долгогодишни врвни резултати и високи стандарди во производството на вино.
Оваа титула претставува значајна потврда за континуираната посветеност на „Тиквеш“ кон квалитетот, како и за меѓународната препознатливост на македонските вина.
„Да се биде прогласен за најдобар производител од Македонија на натпревар со реномето на Mundus Vini е потврда за нашата посветеност, визија и континуирани инвестиции во квалитетот на нашите вина. За нас ова признание има особено значење, но претставува и дополнителен мотив во иднина сѐ поамбициозно да го унапредуваме квалитетот. Ќе продолжиме да создаваме вина кои со својата автентичност и комплексност ќе бидат препознаени и ценети од винските експерти и од потрошувачите од целиот свет и ќе бидат уште поголема гордост на Македонија“, изјави Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“.
Признанието се доделува врз основа на долгогодишните резултати и освоените медали на Mundus Vini – натпревар кој веќе 25 години се смета за една од највлијателните вински манифестации во светот.
Свечената церемонија на доделување на наградата ќе се одржи на 16 март во рамките на светскиот вински саем ProWein Düsseldorf, еден од најзначајните настани за глобалната винска индустрија.
Со повеќе од 100 меѓународни награди годишно на престижни вински натпревари, „Тиквеш“ продолжува да го зацврстува своето реноме како еден од најнаградуваните вински производители во регионот и важен амбасадор на македонското вино на светската сцена.
Дополнително, вината на „Тиквеш“ се присутни на 26 странски пазари, а компанијата е лидер на македонскиот и српскиот пазар. Во 2025 година повеќе од 60 проценти од продажбата на винарницата беше реализирана на странски пазари, при што извозот на регионалните пазари порасна за 11 проценти, а на меѓународните пазари за 34 проценти во споредба со претходната година.