На 15 ноември во 20:00 часот, во Public Room ќе се одржи проекција на документарниот филм „Лезбија“ (2024, 78’), режиран од грчката авторка Цели Хаџидимитриу. Настанот е дел од QUEER програмата на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Филмот ја следи историјата на една од најпознатите лезбејски заедници во Европа, која од 1970-тите до денес се развива во малото село Ересос на островот Лезбос, местото каде живеела античката поетеса Сафо. Преку личната перспектива на режисерката, филмот прикажува како жените го создаваат својот простор на слобода и заедништво, но и сложените односи со локалното население, кое низ годините реагира со различни нивоа на прифаќање и недоверба.
По проекцијата ќе следува разговор со режисерката Цели Хаџидимитриу, модериран од Душица Лазова, авторка и истражувачка чија работа ги поврзува родовите студии, квир теоријата и културата. Настанот ќе заврши со DJ сет на Emily Nas.
Проекцијата е бесплатна и отворена за сите заинтересирани. Програмата е реализирана од Tiiiit! Inc., со поддршка од Equality Fund, Global Fund for Women, Kvinna till Kvinna и Embassy of Sweden.
