Денешното рочиште е посветено на изјаснувањето за вина и на воведните обраќања на одбраната, а обвинетите што се наоѓаат во притвор веќе се доведени во судницата.
Пред објектот пристигнаа и дел од родителите на загинатите, а засиленото полициско обезбедување е видливо уште од раните утрински часови.
Процесот доби забрзување откако на претходното рочиште судот ги прифати приговорите на неколкумина адвокати, кои посочија дека нивните клиенти не го добиле обвинителниот акт и затоа не можеле да се произнесат за вина. Судијката Диана Груевска Илиевска наложи обвинението да им биде доставено истиот ден, со цел да се избегнат дополнителни одложувања.
Паралелно, Судот одлучи да продолжи со постапката во делот на изјаснувањето за оштетните побарувања и кривичниот прогон. Присутните законски застапници на оштетените потврдија дека се приклучуваат кон кривичниот прогон, а надомест на штета ќе бараат преку граѓанска постапка.
Обвинителството во овој случај е застапувано од тим од 15 јавни обвинители. На првото рочиште обвинителот Борче Јанев истакна дека општеството мора да добие јасни одговори за тоа кој дозволил, кој премолчел и кој не спречил трагедија од ваков обем. Според обвинението, пожарот е последица на долгогодишна негрижа и игнорирање на безбедносните ризици.
Осум месеци по несреќата, на обвинителната клупа седнаа вкупно 37 обвинети – 34 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици и управители на локали, инспектори, обезбедување, државни службеници и поранешни градоначалници, кои се товарат за различни степени на одговорност во врска со трагедијата.
Извор:360 степени
