Без чекање за работа: Најдобрите дипломци по медицина ќе добиваат директно вработување во државните болници

Министерството за здравство најави директно вработување за најдобрите студенти по медицина во државните болници, со цел да се намали одливот на кадар.

Најдобрите студенти по медицина во Македонија наскоро би можеле веднаш да започнат работа во јавното здравство, без долгите години чекање кои често ги оттурнуваат младите лекари од системот. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека петте најдобри дипломци од медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип ќе добијат понуда за вработување во државните болници веднаш по дипломирањето.

Според најавата, мерката треба да почне да се применува веднаш, уште пред да се направат законски измени, а планот е веќе следната година бројот на студенти опфатени со оваа иницијатива да се зголеми на десет. Целта е најуспешните дипломци од секој факултет да останат во градот каде што студирале, со што ќе се намалат трошоците и административните пречки во првите години од кариерата.

Најавата доаѓа по средба со деканот Светозар Антовиќ од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде беше нагласено дека задржувањето на квалитетниот медицински кадар е прашање од национален интерес. Болниците во земјата се соочуваат со хроничен недостиг од персонал и нерамномерна распределба на специјалисти, што ја прави оваа мерка клучна за стабилизација на здравствениот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни