Кошничката расте побрзо од платите: Трошоците за живот повисоки за 1.000 денари во февруари

Синдикалната кошничка достигна 67.382 денари, а храната поскапе за речиси 1.000 денари. Синдикатите предупредуваат дека растот на цените ја „изеде“ минималната плата.

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во февруари повторно се зголемија, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Според синдикалната потрошувачка кошничка, трошоците се повисоки за 969 денари во однос на јануари, достигнувајќи 67.382 денари.

Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните средства се искачуваат на 82.757 денари. Значително поскапување е забележано и кај храната – од минимум 24.211 денари во јануари, во февруари биле потребни 25.156 денари.

Од ССМ предупредуваат дека растот на цените веќе го „изел“ очекуваното усогласување на минималната плата, кое треба да се случи во март. Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за само два месеци едно семејство е посиромашно за околу 2.000 денари, а во последните две години вредноста на минималната кошничка е зголемена за над 10.000 денари.

Синдикатите бараат минималната плата да достигне 600 евра и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари, предупредувајќи дека доколку нема договор до крајот на февруари, можно е нов протест и генерален штрајк.

Од друга страна, заменик-министерот за економија Марјан Ристески вели дека владината потрошувачка кошничка е подготвена уште минатата година и дека се чека мислење од синдикатите и работодавците. Тој смета дека синдикалната пресметка се базира на ограничен број маркети и сезонски производи, како и дека се прави со цел да се изврши јавен притисок за зголемување на платите. Според него, владината кошничка ќе биде пониска за повеќе од 10 проценти во однос на синдикалната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни