Министерството за здравство утврдило дека 10 од 19 анализирани случаи биле непотребно упатени на кардиоваскуларни интервенции или операции, во првичната фаза од внатрешната ревизија што започна по обвинувањата на д-р Сашко Кадев за злоупотреби во приватното здравство.
Според министерот Азир Алиу, Комисијата за проценка на кардиолошки и кардиохируршки интервенции работела на предмети поврзани со потреба од реваскуларизација, но на прес-конференцијата не беа дадени дополнителни информации за тоа во кои болници се случиле упатувањата и кои лекари биле вклучени. Министерството остана на општата бројка и на најава дека процесот продолжува.
Во обид да се избегнат политички и професионални притисоци, министерот најави формирање на меѓународна комисија составена од независни експерти кои ќе ги разгледаат сите случаи повторно. Според Алиу, ова тело ќе даде „целосно независна оценка“ за можни системски пропусти, неправилни дијагнози или злоупотреби на упатувачките протоколи.
За сега нема информации кога комисијата ќе биде формирана, кои земји ќе делегираат експерти и кога ќе започне со работа. Министерството не објави ниту временска рамка ниту методологија за понатамошните фази од ревизијата, ниту пак дали ќе бидат опфатени дополнителни случаи надвор од иницијалните 19.
Остануваат отворени прашања за тоа дали овие 10 случаи се изолиран пропуст или дел од поширок проблем во упатувањето на пациенти на кардиоваскуларни интервенции, како и дали по завршувањето на ревизијата ќе следат институционални мерки или санкции.
Заклучоците на меѓународната комисија ќе бидат клучни за утврдување на одговорност, но и за довербата во системот, во момент кога јавноста бара поголема транспарентност околу односот меѓу државното и приватното здравство.
