Берлинската филхармонија се претвора во електронска сцена

По големиот успех на претходните изданија во 2020 и 2023 година, Берлинската филхармонија повторно ќе го отвори своето прочуено архитектонско здание за звуците на електронската музика. На 6 и 7 февруари 2026 година ќе се одржи третото издание на фестивалот „Strom – Festival for Electronic Music“, што ја спојува класичната концертна атмосфера со авангардниот електронски звук.

Фестивалот, кој го организира Фондацијата Berliner Philharmoniker, има за цел да ја покаже разновидноста и моќта на синтетичкиот звук, истовремено истражувајќи ја неговата интеракција со визионерската архитектура на Филхармонијата. Во време кога многу клубови се затвораат, а музичките простори исчезнуваат, „Strom“ претставува симбол на отпор и поддршка за креативноста и музичката разновидност на Берлин.

Куратор на фестивалот повторно е Стефан Голдман, кој за ова издание најавува врвна програма со светски имиња како Alva Noto, Ellen Allien, Ben Klock & Fadi Mohem, Fennesz & Oscar Jockel, Azu Tiwaline & Cinna Peyghamy, DJ Marfox, Murcof + Sergi Palau, Polygonia и Ehua. Паралелно ќе биде поставена и звучна инсталација од Невин Аладаг под наслов „Jamming“.

Голдман истакнува дека фестивалот веќе станал „сигурно прибежиште за концертната електронска музика во Берлин“, поставувајќи ја рамноправно со клубските формати. Посебен акцент во 2026 ќе биде светската премиера на заедничкото дело на австрискиот амбиент-композитор Фенеш и диригентот Оскар Јокел, со настап на ансамбл во кој ќе учествуваат и членови на Берлинската филхармонија.

Веднаш потоа ќе следи DJ сет на легендарната Елен Алиен, икона на берлинската техно-сцена. Вториот фестивалски ден ќе донесе редок настап на Alva Noto, по што ќе следи моќен „бас“ финале со Ben Klock и Fadi Mohem.

Фестивалот „Strom“ повторно ќе ја потврди својата мисија: да го спои академскиот и клубскиот свет и да ја слави еволуцијата на електронската музика како уметност без граници.

Извор:Slippedisc

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни