Публиката ќе има ретка можност повторно да ужива во балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, кој ќе биде изведен на 18 и 21 ноември во 20:00 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје.
Балетот, поставен во два чина и инспириран од безвременското ремек-дело на Гистав Флобер, ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и стегите на општествените норми — тема што, и покрај протокот на векови, останува болна и актуелна.
Диригент на изведбите е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен, суптилен и современ израз успева да го долови духот на 19 век и сложената психолошка драма на Ема Бовари.
Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на украинските уметници Андреј Злобин и Гана Ипатиева. За светлото е задолжен Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот – Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, додека Шарл Бовари ќе го толкува Франциско Хименез Руиз, а Балаж Лочеи ќе го игра Рудолф Буланже. На сцената ќе им се придружат и солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ преку спој на балет, музика и сценска уметност ја оживува една од најдлабоките женски драми во европската литература. Со внимателно избрана музика и визуелно впечатлива кореографија, претставата ја прикажува борбата меѓу личната желба и општествените ограничувања, создавајќи емотивно, естетски и концептуално доживување што ја преминува класичната интерпретација.
