„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески- Тале, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио. Првите македонски зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ.
“Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…”
На 28 декември 2024 година, се навршија 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат во ослободената татковина, на македонски јазик во етерот се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески – Тале.
Кога ослободувањето на Скопје и на Македонија било само прашање на време, во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) му дава задача на Владо Малески – Тале, да се зафати со создавање на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел, од борбените редови биле издвојувани техничари и новинари и испраќани во Горно Врановци заради извршување на задачата. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Борците-техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош и на други технички кадри, забрзано работеле на оспособување и на адаптација на запленета радиостаница. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови, задачата се реализирала тешко и бавно.
Експериментите почнале со француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, оспособиле радиопредавател од 20 W. Новиот предавател успешно стартувал од куполата на Офицерскиот дом во ослободеното Скопје.
На крајот на декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја – Второто заседание да се пренесува директно преку радиото. Тоа било голем предизвик, но и грижа како салата од каде што требало да се врши преносот да се поврзе со кабли до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено – радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, сè било подготвено од технички аспект.
Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ бил определен – 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраниската сала, во исчекување да почне собирот, зад микрофонот се наоѓал Владо Малески, кој според сопственото сведочење бил мошне возбуден. Кога во салата се појавил првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, низ етерот за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на македонски јазик “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…”
Преносот бил извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата “SCR”, со снага од 20 W , приспособен за таа намена. Тоа била трофејна воена радиостаница на кратки бранови, чиј опсег бил нешто зголемен (околу 49 m бранова должина, односно 6200 KHz) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.
Инаку, македонскиот збор во етерот за првпат е емитуван преку програмата на радиостаницата “Слободна Југославија” во далечниот Советски Сојуз, од страна на истакнатиот артист на Скопскиот театар Илија Џувалековски, кој е и прв спикер на македонски јазик преку оваа радиостаница.
Следните триесетина денови од овој историски датум, 28 декември 1944 година, биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале за задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување на редовна програма на македонски јазик од сопствено студио во Скопје.
Со помош на сонародниците од странство, со набавен и со приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење, првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром, поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со секојдневна сопствена програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година. Се започнало со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи, што ги издавала власта и општествено-политичките организации.
Веднаш по војната започнала доградбата и реновирањето на зградата на радиото. Се довршило и оспособило поголемото студио кое претходно не било во функција. Во постојниот простор биле оформени две студија од по 38 m2 и 45 m2 и режија од 15 m2.
Тежок проблем бил и фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо и музичките изведувачи, заедно со ансамблите кои доаѓале во терминот на емитување, свиреле “во живо”.
За сигнал (авизо) на новата радиостаница едногласно била избрана борбената мелодија “А бре Македонче”. За да се емитува сигналот бил конструиран метален тас на кој биле закачени 6 жици и перца коишто при движење на тасот го емитувале сигналот. Конструираниот уред честопати се расипувал, и дури во 1958 година била снимена грамофонска фолија со сигналот.
Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц . Најавата била: “Со ударот во гонг означивме толку и толку часот”. Тој гонг и денеска се наоѓа во просториите на радиото.
Целокупната програма на радиото во 1945 /46 година изнесувала 8,5 часа дневно, од кои 3,5 часа биле говорна програма, а во неделите 10,5 часа. Неа ја опслужувале 39 вработени новинари, музичари, техничари и друг помошен персонал.
Треба да се нагласи дека поради доброто познавање на албанскиот јазик од страна на Владо Малески, веднаш започнала и 15-минутна емисија на албански јазик. Исто така, се подготвувале и се читале вести и соопштенија и на турски јазик.
Вестите од Југославија и од светот се добивале преку агенцијата Танјуг од Белград. Најпрво преку Морзеов апарат, па на слушалки ги дешифрирал Борче Борисовски и другите телеграфисти сместени на најгорниот кат на зградата на тогашната редакција на “Нова Македонија”. Тоа било бавна и мачна работа при добивањето и објавувањето на вестите. Подоцна, оваа служба се модернизирала со набавка на таканаречените Хел-апарати, со кои на ленти се отчукувале вестите добиени по воздушен пат. Мошне забележливо подобрување настанало со набавка на телепринтерските апарати, коишто работеле и по воздух и по телефонска жица како медиуми за пренос, така што сигурноста и точноста биле обезбедени.
Иако со оскудна опрема за терен, во програмата на Радио Скопје до крајот на 1949 година биле реализирани 220 преноси од настани и спортски натпревари. Така, на пример, забележано е дека Коле Чашуле ја имал таа чест на 12 јуни 1946 година да го пренесува скопското дерби помеѓу фудбалските тимови “Македонија” и “Победа”.
Во 1945 година, среднобрановиот предавател (200 W) се преместува во приспособената радиопредавателна зграда во Маџари. Во текот на целата таа година, и покрај големиот ангажман што го имале техничарите околу озвучувањето на многубројните манифестации што се одржувале во Скопје, работеле и на доградба на засилувачки степен за постојниот предавател. Во 1946 година, идејата конечно се реализирала и бил пуштен во редовна работа предавател со моќност од 2,5 KW. Во исто време била донесена одлука за набавка на професионален предавател и бил склучен договор со фирмата “ТОМСОН-ХЈУСТОН” од Париз. Веднаш било пристапено кон изградба на зграда за сместување на предавателот (кој габаритно бил мошне гломазен), трафостаница за негово напојување со електрична енергија и нов антенски систем затоа што работната фреквенција на предавателот била 1511 KHz (198,5 m бранова должина). Конечно на 29.11.1947 година, овој предавател бил пуштен во работа со моќност од 20 KW, со што најголем дел од територијата на републиката бил покриен со квалитетен сигнал .
Просторните услови само за кратко ги задоволиле програмските потреби на Радио Скопје. Затоа било пристапено кон изработка на проект за проширување на зградата. Во 1948 година започнала изградбата, а во 1950 година бил пуштен во погон новиот дел. Со тоа, големото студио било проширено на 200 m2 и станало студио за снимање на музичка програма, опремено со 150 седишта, па во него се изведувале и јавни концерти и приредби.
Биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика и за драмска програма. На зградата бил дограден уште еден кат со 18-ина канцеларии за редакциски простор, новинарски деск, библиотека и сала за претплатничката служба. Овие просторни услови главно ги задоволувале тогашните потреби, па Радио Скопје во овој објект на улицата Марксова бр. 17 (просторот каде што денес се наоѓа Соборниот храм) работело сè до земјотресот, на 26 јули 1963 година.
Првите магнетофони во радиото според сите укажувања почнале да се користат некаде во илјада деветстотини и педесетите години (1954/55). Тоа бил многу значаен момент во развојот на радиото бидејќи оттогаш можело изведбите “во живо” да се заменат со претходно снимени материјали и, уште повеќе снимените материјали да останат како сведоштво за идните генерации.
Подоцна овие магнетофони биле заменети со такви што користеле магнетна лента како медиум за меморирање. Во Македонското радио постојат бројни магнетофони како музејски експонати од компаниите Филипс,Телефункен, Награ итн.
Запишано е дека првото емитување било на 27.8.1955 година, што значи дека и снимките биле најверојатно направени таа година или порано. Што е уште поинтересно, во втората графа стои дека е репродуцирано од магнетофон тип ТОЛАНА на 13.8.1956 година.
Ваков магнетофон никогаш не бил спомнат дотогаш. Проверката на интернет покажа дека такви навистина постоеле. како француски производ, и се произведувале од 1952 до 1954 година. Магнетните ленти се покажаа како многу издржлив медиум ако се чуваат под одредени услови. Во фонотеката на Македонското радио и денеска постојат употребливи ленти снимени во 1956 година. За изненадување е нивниот квалитет после толку години.
Во 1949 година изработен е европски план за распределба на фреквенциите и моќноста на предавателите (Копенхаген 1949). На Радио Скопје му била доделена фреквенција од 810 КHz и дозволена моќност на предавателот од 135 КW. Биле потребни повеќе години да се соберат сили и да се реализира набавка и пуштање во употреба на таков предавател (1956 година), и со тоа да се излезе надвор од границите на Република Македонија.
Програмите на Радио Скопје сè до 1962 година бележеле видлив подем. На 15 април 1962 година бил пуштен во редовна работа и нов среднобранов предавател во Маџари со моќност од 200 W со што започнала и Скопската програма 202. Но, 1962 и 1963 се години кои што се паметат по две големи природни катастрофи што го погодиле главниот град Скопје, а со тоа и радиото. Најпрво, поплава. Зградата на радиото била во делот каде што надојдената вода од поплавата била релативно најдлабока и успеала да навлезе во визбените простории. Таму бил сместен богатиот фонд на плочи и магнетни ленти, потоа магацинот со резервните делови за студиската и предавателната техника и многубројните програмски архивски материјали и податоци. Малубројната екипа што се нашле во зградата во тие часови и оние што некако успеале да пристигнат, со натчовечки напори, подавајќи од рака на рака, го сместиле на сигурно место сето она што успеало да се спаси. Радиото не емитувало програма повеќе од два дена, а од фонотеката било можно да се користат само сувите или просушените ленти и плочи. Сè уште раните од поплавата не биле залечени, а уште поголема трагедија го погодува Скопје – катастрофален земјотрес. За време на силниот земјотрес, на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, тешко е оштетена зградата на радиото и е прекинато емитувањето на програмата.
„Од самиот почеток Македонското радио стана првиот гласник на информациите, прв ги објави и резултатите од референдумот за независна Македонија. Истиот интензитет и жештина продолжија и во следните години. За тоа доказ се и голем број признанија, дипломи, плакети. Денес гласот во етерот се слуша на девет јазици. Но освен на оваа територија, фреквенцијата зрачи и во соседите земји, каде има македонско малцинство. За 24-часовната програма работат повеќе од 30 репортери и дописници низ цела Македонија, пренесуваат информации за сите генерации, негувајќи го литературниот јазик. Во конкурентноста на етерот, Македонското радио нуди богата содржина, креативност на новинарите кои ја продолжуваат приказната за возбудата од минатото. На четирите канали се креира различна програма. Образовни, музички, забавни и информативни емисии. На националната програма, мултиетничноста е силата. Покрај македонскиот, 80 години се слушаат и турскиот и албанскиот јазик. Повеќе од 33 години, секоја вечер се пренесува програма на ромски и влашки. А најмлади, 20 години во етерот се српската и бошњачката програма. Историјата која се наоѓа на рафтовите ги чува одлуките и промените, изјавите на некогашни политичари, професори, експерти преточени преку репортерките извештаи. Музика направена од врвни музички имиња кои ги потпевнуваме и денес. Сите заедно учествувале во развојот на државата.“, стои во објавата за јубилејот на Македонското радио.
Извор: Emiter https://emiter.com.mk/